Владите ширум светот не истражуваат доволно за убиствата на новинарите, а Мексико и Индија се земјите кои предничат во бројот на новите случаи во кои истрага воопшто не е ни покрената за ваквите случаи.
Ова денеска беше изјавено од Меѓународниот институт за медиуми (IPI) со седиште во Виена, по повод 2 Ноември, Меѓународниот ден на борбата за расчистување со неказнивоста на злосторствата што се вршат над новинарите.
Програмата „Ја следиме смртта“ (Death Watch) на овој инстиут, кој ги следи случаите со новинарите и медиумските работници поврзани со работата со која се занимаваат, утврдила дека дури 100 новинари низ светот го изгубиле животот од септември 2017 година поради својата работа.
Од 100 убени новинари, најмалку 32 биле убиени во знак на одмазда поради нивната работа и неретко во одговорот на известување во кои ја разоткриле корупцијата и активностите на криминалните групи, пишува во соопштението.
Тринаесет новинари го изгубиле животот додека известувале за вооружените конфликти, повеќето во Авганистан. Анализата на податоците собрани од септември 2017 година покажува дека во повеќето случаи со намерни убиства на новинари, истрагите биле бавни и дека сторителите не биле соочени со правдата.
Во Мексико биле убиени 14 новинари, а во Индија 12 во изминатата година. Досега до апсења дошло само во два случаи во Мексико и во шест случаи во Индија, а повеќето апсења биле контроверзни.
„Неказнивоста на убиствата на овие новинари и бавноста во истрагата го покренува прашањето дали смртта на новинарите се истражува темелно и моментално, како што би требало да се истражува за да се заштитат слободните медиуми“, изјавил Рави Р. Прасад од Институтот со седиште во Виена.
IPI потсетува на случајот на убиениот новинар Јан Куцијак и неговата девојка во Словачка на 22 февруари годинава, со заклучок дека „мозокот на операцијата“ и понатаму останува непознат, иако словачките власти обвинија четири лица поврзани со тие убиства.
Се споменува и случајот со убиената новинарка од Малта Дафне Каруана Галиција. За злосторството што се случи во 2017 година засега нема видлив напредог во истрагата, иако минатата година беа уапсени тројца осомничени.
По посетата на Малта минатиот месец претставниците на IPI и други меѓународни групи за слобода на медиуми заклучиле дека истрагата е со голем број пропусти.
IPI наведува дека се очекува да бидат извршени понатамошни истраги и во случаите со убиството на новинарите во Бразил, Гватемала, Авганистан, Салвадор, Пакистан и на Филипините.
„Извршниот одбор на IPI ќе се состане во Братислава и во Словачка за да го одбележи 2 Ноември, Меѓународниот ден на борба за конечно расчистување со неказнетите злосторства над новинарите. Одборот ќе повика на правда во случајот со убиството на Кан Куцијак и други убиени новинари“, се заклучува во соопштението.
За 41 новинар од листата се верува дека се убиени поради својата работа, но нема доволно докази затоа што истрагата или воопшто не е покрената или била изведена само површно.