Москва наеднаш го зголеми купувањето на злато и во таа смисла ги собори сите светски рекорди.
Русија денеска е најголемиот светски купувач на злато и трет по големина производител. Златната треска ги зафати руските банки и богаташите.
Таа политика има цел да ја заштити руската економија во случај на кризна ситуација, но и од санкции.
Минатата година руските банки купиле 205.155 тони злато, што е 4,7 проценти повеќе од 2016 година, а што е околу 67 отсто од вкупното злато произведено во Русија. Во споредба со 2013 година, тоа е зголемување од 13 проценти.
Најголемите купувачи се трите водечки банки со државен капитал: ВТБ банка, Шбербанк, Гаспромбанк.
ВТБ банка купила 63,9 тони, што е третина повеќе од 2016 година. Таа од првото место ја потисна Шбербанк, која купила 43 тони злато. Третопласираната Гаспромбанк купила 38,1 тони.
Поголемиот дел од купеното злато банките ѝ го препродале на Централната банка на Русија, која на тој начин ги пополнува златните резерви.
Централната банка на Русија исто така ги зголеми златните резерви за 223,95 тони и стана светски рекордер.
По обемот на златни резерви Русија речиси ја стигна Кина, која го зазеде петтото место на светската рејтинг-листа со 1.842 тони злато.
„За банките, ова е добра работа. Тие ги кредитираат рударските компании што ги враќаат кредитите од златото што го вадат. Потоа банките ѝ го продаваат на Централната банка, се наведува во извештајот на Министерството за финансии на Русија.
Руските банки велат дека банките, особено државните, се плашат дека нивните средства во странство може да им бидат замрзнати во случај на ширење на санкциите, па тоа е една од причините зошто купуваат злато. Освен тоа, експертите наведуваат и профитабилност.
„Банките купуваат злато од многу интересни причини. Цената на златото постојано расте, минатата година пораснало речиси 7-8 проценти во доларски износ, а во претходната година профитабилноста исто така била таква.
„Профитабилноста на златото очигледно е поголема од профитабилноста на девизните резерви“, изјави заменик-претседателот на Златниот монетарен дом, Алексеј Вјазовски.
Рускиот експерт вели дека златото го купуваат и руските бизнисмени, кои би можеле да се најдат на удар на американските санкции.
„Против богатите Руси се планира воведување санкции, а банките сега како агенти купуваат злато. Нашите милионери бараат начини како да ги повлечат средствата од своите сметки што ги имаат западните банки и ги префрлаат во Русија, а еден од начините е купување злато или некои други благородни метали.
Паладиумот е многу поскап од минатата година – 50 отсто, така што инвеститорите не ги интересира само златото. На пример, инвестициско однесување покажува и нашата руска власт.
Ако видиме како Централната банка на Русија купува златни резерви, тогаш ќе видиме дека за последните 10 години резервите на злато се зголемени четири пати и сега надминуваат 18.000 тони.
Ако купите злато и ако го чувате некаде во Москва, американската власт нема да може да го заплени или блокира. Така, во тој случај вие ја контролирате ситуацијата“, објаснува Вјазовски.
Освен тоа, со зголемениот удел на златото во девизните резерви Централната банка на Русија на тој начин го намали уделот на доларот и еврото. Руската власт смета дека е подобро да има повеќе златни резерви отколку долари.
Хипотетички говорејќи, ако Русија држи тони американски долари, а САД сакаат да ѝ нанесат штета на нејзината економија, тоа би било можно низ манипулација со валутата, па златото е гарант против таквото сценарио, тврдат експертите.
Инаку, освен што е најголем светски купувач на злато, Русија е и трета по големина земја произведувач. Русија произведува околу 300 тони злато годишно, а според тој показател заостануваат само за Кина и Австралија.