Зошто САД не разговараат со луѓето пред да им воведат санкции и да ги бомбардираат?

Поранешниот американски конгресмен и претседателски кандидат Рон Ернест Пол изјави дека неодамнешниот телефонски повик меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин бил добар знак, но военохушкачкото крило во американската политика е во постојана подготовеност.

Во неделата рускиот претседател Владимир Путин го повика својот американски колега Доналд Трамп за да му се заблагодари, а благодарност стигна и до директорот на ЦИА, Мајк Помпео, поради можноста за достапност на информациите кои помогнале да се осуети големиот терористички напад во Сант Петерсбург.

Рон Пол, кој се залагал за конструктивни односи меѓу САД и Русија, изјавил дека е возбуден поради ваквите вести.

„Го сакам тоа, мислам дека тоа е добро и мислам дека тоа е тоа што треба да го направиме. И двајцата претседатели треба да се навикнат да бидат подготвени за разговор, и мислам дека би било добро кога би разговарале секоја недела“, изјави Пол.

За жал, повикот исто така ја нагласува и дихотомијата меѓу САД и Русија, односно дека соработуваат на некои прашања, како што е борбата против тероризмот, но, сепак, и понатаму остануваат ривали во однос на други прашања.

„Во исто време, ако можеме да бидеме цивилизирани и да разговараме едни со други и да зборуваме за својата земја, зошто трошиме толку пари преправајќи се дека ќе бидеме нападнати и дека сме загрозени од руската агресија? Тоа во потполност нема смисла“, изјави Рон Пол.

Тој отсекогаш бил како лабав топ во американската политика со своите противења на сите видови хушкања за војна, од војна против дрогата до конфликтите на Блискиот Исток. Тој изјави дека сегашниот политички естаблишмент во САД е премногу нетрпелив да спроведе имплементација на војна или да изрече казни за земјите со кои не се несогласува.

„За жал, тоа е двонасочна работа“, објаснува тој повикувајќи се на двете партии, и на републиканците и на демократите.

„Кога бев во Конгресот и јас говорев на ваков начин, кога бев во кампања за претседател буквално можев да бидам исвиркан поради реченици од типот: ‘Мораме да разговараме со луѓето, знаете’. Во тој момент бевме на раб на војна со Куба и, се разбира, со земјите на Блискиот Исток. Зошто не би разговарале со луѓето пред да одлучиме да  ги користиме санкциите, блокадите и бомбите“, вели тој.

Тој став се одразува и во новата Стратегија за национална безбедност, во која Трамп ги нарекува Кина и Русија „ревизионистички“ и „моќни ривали“, кои можат да ги предизвикаат американското влијание, вредности и богатство, но изјави дека планира да работи со нив и да ги стави универзалните интереси на прво место.

„Тие почнаа со погрешна претпоставка. Почнаа со идејата дека имаме царство, дека имаме одговорност, а тие веруваат дека тоа е морална одговорност и дека ние сме тие кои одредуваат и тие кои можат да влијаат на луѓето затоа што сме исклучителни. Велат дека сите земји се несовршени и треба да се потрудиме да работиме заедно со нив. Најдобрата работа што можете да ја направите е да тргувате со луѓето, да разговарате и да патувате со нив“, вели тој.

Пол, кој го поддржува укинувањето  санкции против Русија, изјави дека економскиот притисок е лош начин на решавање на проблемите дури и со такви мали држави како Северна Кореја, затоа што веројатно тоа нема да има влијание на нивното донесување одлуки.

„Дури и кога е во прашање Северна Кореја, нема потреба за санкции. Тие им прават зло на сиромашните луѓе во Северна Кореја. Има голем број начини за решавање на проблемите во светот без сила, застрашување, бомби и бојкоти“.

 

 

Scroll to Top