Потребни состојки:
2 модри патлиџани,
3 домати,
140 г спанаќ,
4 лажици рикота или урда,
1 чешне лук,
200 г кашкавал,
доматен сос, сол, црн пипер, босилек и маслиново масло по потреба
Начин на подготовка:
Модрите патлиџани се мијат под млаз вода, се сече дршката и се сечат долгнавесто на ленти со широчина од приближно 1 сантиметар. Во намастена тава со маслиново масло се реди еден ред патлиџани, па се посолува со сол, црн пипер и малку босилек и врз нив се става уште малку маслиново масло. Потоа се реди уште еден ред, па се зачинува и се намастува и сè така додека да ги искористите сите патлиџани. Потоа се ставаат на печење во претходно загреана рерна на 200 степени 20-ина минути.
Во меѓувреме, доматите се мијат и се сечат на кругови и се посолуваат со малку сол, па се оставаат настрана. И спанаќот се мие, се става во сад, па се зачинува со микс зачини по ваш избор и се меша заедно со урдата или рикота-сирењето. Врз спанаќот се ренда малку лук и се соединува смесата. Кога ќе се испечат модрите патлиџани, се оставаат малку да се изладат. Потоа во огноотпорен сад се редат најдолгите ленти потпечен модар патлиџан, така што се остава малку да висат надвор (за подоцна со нив да се преклопи површината). Врз првиот слој се додава од смесата од спанаќ на средина на тавата и се распоредува еднакво. Не се опфаќаат деловите што излегуваат од тавата.
Одозгора се наросува со малку маслиново, па се редат доматите и на крајот се наросува со кашкавал и доматен сос. Потоа се повторува постапката, се реди втор ред патлиџан, па смесата со спанаќ, маслиново масло, домати, кашкавал и доматен сос. На крајот се завршува со последниот ред модри патлиџани и се преклопуваат со парчињата од првиот ред што излегуваат од тавата. На крајот се наросува со уште малку кашкавал или пармезан и доматен сос.
Печете во претходно загреана рерна на 200 степени 30-ина минути.