Морков, домат и зелен чај за убав и здрав летен тен

Постојат голем број совети за тоа како да добиете убав тен, односно како да не изгорите од сончевите зраци и да се заштитите од потенцијалните опасности кои може да ги предизвикаат високите УВ-зраци, меѓутоа тоа што е наjважно да знаете е дека својата кожа може да ја заштитите најмногу со помош на правилна и квалитетна исхрана. Ниту еден козметички препарат нема да ја заштити кожата како правилната и балансирана исхрана. Правилната исхрана ја штити нашата кожа од слободните радикали коишто ги уништуваат колагенот и еластинот – најважните компоненти на здравата кожа. Доколку сакате да добиете добар тен, а притоа и истовремено да го сочувате вашето здравје, тогаш треба навремено да внимавате и да консумирате здрави намирници.

Најдобар извор на овие нутриенти се свежиот зеленчук и овошје, интегралните житарки, јаткастите плодови, мешунките, рибата, млечните производи, растителните масла богати со незаситени масни киселини (особено ладно цеденото маслиново масло). Затоа, од особена важност е, во овој период од годината, освен, се разбира, секојдневното внесување доволно количество квалитетна вода, да консумираме и намирници како што се морков, домати, модри домати, темнозелен лиснат зеленчук (спанаќ, блитва, кељ), грашок, пиперки, бобичесто овошје (боровинка, малина, јагода, рибизла…), кајсии, лубеница, диња, ореви, бадеми, какао, маслиново масло, ленено семе, зелен чај.

Морков и темнозелен лиснат зеленчук
Освен што го штити нашиот вид, морковот, благодарение на фактот што изобилува со каротеноиди (особено бета-каротинот и лутеинот), претставува моќен заштитник на нашата кожа од оштетувања настанати од сонце. Нашиот организам го претвора бета-каротинот во витамин А, кој е од витално значење за здрава кожа.

 

Домати
Благодарение на големото количество на каротеноидот ликопен (кој ја дава препознатливата црвена боја) и флавоноидите, доматите покажуваат дека тие се добар сојузник во борбата против ултравиолетовите зраци на сонцето и штетата што може да ја предизвикаат на кожата.

Бобичесто овошје
Бобичестото овошје претставува мошне богат извор на антиоксиданти и витамин Ц со високо фотопротективно дејство кои овозможуваат природна заштита од штетните сончеви УВ-зраци. Боровинката, рибизлата, малината, капината се богат извор на антоцијанини кои го намалуваат ризикот од многу хронични и дегенеративни болести и овозможуваат одлична заштита од УВ-зраците.

Зелен чај
Тој содржи многу полифенолни соединенија (катехини) кои ја штитат нашата кожа од УВА и УВБ-зраците, ја прават затегната и здрава, и во голема мера го намалуваат кумулативниот штетен ефект од долготрајното излегување на сонце. Научниците откриле дека антиоксидантот од зелениот чаj, EGCG, одлично се бори против процесите на воспаление на кожата, ги неутрализира слободните радикали, намалувајќи ја нивната способност да создаваат оштетувања кои доведуваат до воспаленија.

Scroll to Top