Научниците пронајдоа нервни клетки кои помагаат во проодување по парализа

Научниците од Истражувачкиот центар „Неврорестор“ при Универзитетот на Лозана во Швајцарија идентификуваа група нервни клетки што им помагаат на пациентите со парализа повторно да можат да стојат и да одат.

Овие нервни клетки, наречени „Ве-ес-екс-2“, ги има во ‘рбетниот мозок и имаат клучна улога во обновувањето на моторната функција по повреда на ‘рбетот. Во клиничкото испитување учествувале 9 испитаници.

Џордан Сквајр, еден од научниците, одговорен за регенеративните терапии за нови неврохируршки третмани, смета дека ова го отвора патот кон повеќе насочени третмани за пациенти со парализа.

„Сега можеме да целиме кон манипулација со овие неврони за да го регенерираме ‘рбетниот мозок“, вели тој.

Третманот под назив епидурална електрична стимулација (ЕЕС) вклучува вградување на мал уред над заштитната обвивка на ‘рбетниот мозок. Истражувањата покажале подобрувања во подвижноста по 5 месеци третман и рехабилитација.

„Нашата нова студија, каде што 9 пациенти од клиничкото испитување можеа да обноват одреден степен на моторната функција, благодарение на нашите импланти, ни дава значаен увид во процесот на обнова на невроните на ‘рбетниот мозок“ изјави за медиумите Џоселин Блох, неврохирург во Универзитетската болница во Лозана и една од истражувачите во овие испитувања.

Scroll to Top