Рецепт за Вимблдонска торта на Џејми Оливер

Кремаста торта од овошје и јогурт за која не ви треба рерна, по рецепт на славниот готвач Џејми Оливер. Додека трае тенискиот турнир Вимблдон, познатиот готвач претставил рецепт за којшто користел јагоди, овошјето кое традиционално се поврзува со овој голем турнир.

Станува збор за неодоливата ледена торта од овошје и јогурт, во која Џејми не додава дури ни шеќер, но сигурно ќе ви помогне да се засладите и изладите. Таа се подготвува брзо и едноставно, а за неа не ви е потребна рерна, додека пак вкусот е богат и неодолив.

Состојки:

– 250 грама јагоди;
– 16 лажици густ јогурт;
– 250 грама банани;
– 250 грама малини;
– 250 грама капини.

Подготовка:

1. Обложете го калапот со проѕирна фолија.

2. Во блендер изматете ги јагодите со четири лажици јогурт, па ставете ја смесата во калапот и оставете ја во замрзнувач 15 минути.

3. Во меѓувреме измијте го блендерот, па ставете ги во него бананите со четири лажици јогурт и добро изблендирајте. Додадете го слојот во калапот, па вратете го во замрзнувач.

4. Потоа во блендерот измешајте уште четири лажици јогурт и малините и со тоа прелијте ја тортата, па вратете ја во замрзнувач, па потоа повторете ја истата постапка и со капините.

5. Кога горниот слој од тортата ќе стврдне, тортата е подготвена за сервирање, но можете и подолго да ја чувате во замрзнувач.

6. Исечете ја тортата додека е замрзната и послужете со овошје по вкус.

На здравје.

Scroll to Top