Секојдневното користење омега-3 може да го забави стареењето: ново истражување

Студијата на Универзитетот во Цирих покажа дека земањето додатоци на омега-3 дневно може да го забави биолошкото стареење за дури четири месеци.

Истражувањето опфатило 777 здрави постари возрасни лица, на возраст од 70 до 91 година, кои учествувале во најголемата европска студија за стареење, позната како „Do Health Study“, пишува „Свисинфо“.

Во период од три години, учесниците беа поделени во осум групи, при што секоја група добиваше различни терапии: омега-3, витамин Д, програма за вежбање и нивни комбинации.

Биолошката возраст на учесниците беше мерена со помош на таканаречените епигенетски часовници, кои ги следат хемиските промени во ДНК, за да се измери разликата помеѓу биолошкото и хронолошкото стареење.

Резултатите покажаа дека учесниците кои земале омега-3 масни киселини старееле меѓу 2,9 и 3,8 месеци побавно во текот на тригодишниот период, без оглед на полот, возраста и индексот на телесна маса.

Дополнувањето на витамин Д и редовното вежбање го подобрија ефектот и го забавија стареењето за речиси четири месеци.

Сепак, истражувачите забележаа дека не постои единствен стандард за мерење на биолошката старост, па затоа се потребни дополнителни истражувања.

Scroll to Top