СЗО ги повикува младите да даруваат крв: Светска кампања собра над 9.000 заложби од 177 земји

Светската здравствена организација ја истакна потребата од нова генерација редовни крводарители, објавувајќи дека кампањата „Drop Your Drop“ собрала повеќе од 9.000 заложби за дарување крв од луѓе во 177 земји.

Податоците беа објавени на 23 октомври, по средбата на генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, со јужнокорејската музичка група ENHYPEN во Сеул. Групата учествува во иницијативата за поттикнување доброволно и неплатено крводарување. Повеќе од 3.250 учесници во кампањата се идентификувале како нејзини обожаватели. Бројките се однесуваат на изразена подготвеност за дарување, а не на потврдени дарувања.

Соработката започнала по повод Светскиот ден на крводарителството, на 14 јуни. Преку видеа и објави на социјалните мрежи, музичарите ги охрабрувале младите да се информираат и да учествуваат во своите заедници.

Членовите ја посетиле и службата за крводарување на Корејскиот Црвен крст. По проверката на подобноста, Џеј и Џунгвон дарувале плазма.

Од СЗО нагласуваат дека крвта и нејзините компоненти имаат ограничен рок на чување, поради што резервите мора постојано да се обновуваат.

Безбедната крв е неопходна при операции, тешки повреди, компликации при породување и лекување сериозни заболувања. Сепак, пристапот останува нерамномерен: пациентите во посиромашните земји почесто се соочуваат со недостиг. Редовните, доброволни и неплатени дарители се основа за стабилно снабдување, посочува организацијата.

Scroll to Top