Пакистан ги прекина сите воени врски и размена на податоци со САД

Исламабад ги откажа воените односи и размената на податоци со САД, изјави министерот за одбрана на Пакистан по обвинувањата и кратењето на финансиската поддршка од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.

Говорејќи на јавниот настан организиран од страна на Институтот за стратешки студии во Исламабад (ISSI) во вторникот, министерот за одбрана, Курам Дастгир Кан, изјави дека прекинале многу видови одбранбена соработка и размена на податоци.

Тој не соопшти детали, но изјави дека суспензијата на воените врски и размената на податоци доаѓа по неодамнешната најава на американскиот претседател Доналд Трамп дека Вашингтон ќе ја откаже помошта за Пакистан.

„Сега паднаа маските. Време е за немилосрден искрен дијалог меѓу Пакистан и САД“, изјави Кан.

Во меѓувреме, Амбасадата на САД во Исламабад ги отфрли тврдењата од Пакистан дека воените врски и размената на податоци се суспендирани, јавува „Глас на Америка“.

„Не добивме никакво службено известување во врска со суспензијата“, изјави портпаролот на Амбасадата, Ричард Снелсир.

Министерот за одбрана претходно ветил ладнокрвен одговор на наводите на Вашингтон според кои САД имаа намера да го откажат пакетот на помош вреден 255 милиони долари. Говорејќи претходно за Би-би-си Урда, Кан изјавил дека САД би требало да ја продолжат соработката, со напомена дека половината од пакистанскиот воздушен простор и копнените патишта, кои се пресудни за американските операции во Авганистан, сè уште се отворени за САД.

Американскиот Стејт департмент службено ги намалил средствата за Пакистан на почетокот на јануари велејќи дека финансиската помош ќе продолжела само доколку Исламабад преземе мерки против авганистанските талибанци и мрежата „Haqqan“. Во другиот дел на влошувањето на односите меѓу долгогодишните сојузници, Департментот во САД го стави Пакистан на листата за тешки кршења на верските слободи.

Вашингтон и Исламабад биле блиски сојузници уште од студената војна, кога САД ги користеле територијата на Пакистан за снабдување на исламистичките муџахедини со оружје во борбата против советските трупи од соседен Авганистан.

По нападот на 11 септември во Њујорк, двете земји подготвиле стратешки сојуз за помош на американската борба против талибанците и милитантите на Ал-Каеда. Пакистан исто така е додаден на пописот на американските „главни ненато сојузници“.

Но, односите меѓу Вашингтон и Исламабад се влошија откако Трамп ја презема должноста претседател. Во август минатата година тој ја претстави американската стратегија за Авганистан и Јужна Азија, која го критикувала Пакистан како „засолниште на терористите“, и се закани дека ќе ја намали поддршката за Пакистан, ако и понатаму биде „безбедно пристаниште за криминалците и терористите“.

„Соединетите Американски Држави лесно и глупаво му даваа на Пакистан повеќе од 33 милијарди долари помош во изминатите 15 години, а тие во спротивно не ни даваа ништо друго освен лаги и измами, мислејќи дека од нашите лидери ќе направа будали“, напиша Доналд Трамп на „Твитер“ повикувајќи се на вкупните американски финансиски трансфери на поддршка во периодот меѓу 2002 и 2017 година.

Заканата на „Твитер“ го поттикна Исламабад да свика итен состанок на владата и да го повика американскиот амбасадор во земјата, а пакистанскиот министер за надворешни работи, Хаваџа Асиф, на тоа изјави:

„Ние ќе му ја откриеме на светот целата вистина. Ние ќе ги одвоиме фактите од фикциите“.

 

 

 

 

Scroll to Top