Ако се мажите напролет, овие совети може да ви помогнат да изберете венчаница и да бидете во тренд. Во Њујорк неодамна заврши модната недела посветена на невестинските трендови за сезоната пролет 2018. Еве што велат од таму:
Сирена
Широките принцез-здолништа веројатно секогаш ќе го имаат своето почесно место меѓу трендовите, но тенденцијата на прави кроеви оваа пролет е поизразена. Во неа лесно ќе препознаете дел од естетиката на 90-тите. А сирена-кроевите се исто така актуелни со цел да се нагласи сексапилот на еден софистициран начин.
Длабок V-изрез
V-изрезот ќе котира високо и следната пролет. Тоа не значи дека треба сите гости да гледаат само во градите, сепак се мисли на софистицирана и модерна верзија на трендот, како што ќе видите и од фотографиите во продолжение.
Впечатливи ракави
Да, ракавите повторно се актуелни, и тоа впечатливи. Дали ќе се одлучите за панделки на ракавите, за „пуфнасти“ ракави, карнери или нешто сосема друго, изборот е ваш.
3Д-апликации
3Д-цвеќињата сè уште не си заминуваат од модната сцена, а уште повеќе кога се венчалните фустани во прашање. Тоа може да бидат венчаници со здолништа целосно покриени со 3Д-цвеќиња или само дискретно распределени. Можете да ги аплицирате и само на горниот дел, на пример, или на ракавите… Изборот е голем, само треба да го приспособите на вашиот стил и сензибилитет.
Чокери
Чокерите од уличната мода стасаа и до невестите. Ова влијание од 90-тите сосема го окупира модниот свет, така што и не е некое изненадување што сè повеќе дизајнери се одлучуваат да ги имплементираат и кај венчалните фустани.
Панталони/комбинезони
За крај уште еден избор за оние што сакаат да бидат неконвенционални невести. Панталоните и/или комбинезоните се апсолутен невестински тренд. Во комбинација со наметка или некој друг од споменатите трендови изгледаат интересно и тренди, но се само за оние што се сигурни во ваквиот избор и знаат како тоа да го носат.