Инфекциите во овој период од годината се во полн ек. Освен зголемена телесна температура, течење на носот и болки во мускулите, честопати се соочуваме и со кашлица. И додека сите други симптоми исчезнуваат за десетина дена, кашлицата може да трае и повеќе од еден месец откако ќе се прележи настинката.
Кашлицата, всушност, е одбранбен механизам на респираторниот систем.
Ако кашлицата трае подолго од еден месец, пациентот треба да оди на преглед кај пулмолог, без разлика дали е сува или продуктивна.
Кашлицата кај акутен бронхитис трае од 7 до 10 дена, но кај 25 отсто од пациентите може да биде присутна и подолго. Антибиотиците најчесто не помагаат кај акутен бронхитис, а тие често се препишуваат во вакви состојби.
Пушачите може подолго време да ги мачи кашлица по настинката во однос на непушачите.
Кај пациентите постари од 65 години секоја настинка, па и кашлицата, може да доведе до сериозни компликации. За да се спречат поголеми компликации, најдобра превенција е вакцинација против грип и воспаление на белите дробови. Ова е многу важна превенција и за тие што боледуваат од астма и хронични опструктивни болести на белите дробови, но и од други хронични заболувања.