Меланија во посета на детска болница во Синсинати

Првата дама на САД, Меланија Трамп, ја посети детската болница во Синсинати, пренесува „Дејли мејл“. Можноста за оваа активност ја искористи за време на патувањето на нејзиниот сопруг, претседателот на САД, Доналд Трамп, во американската сојузна држава Охајо.

На  посетата на детската болница на Меланија ѝ се приклучија и советничката Келиен Конвеј и Џејн Портман, сопругата на републиканскиот сенатор во државата Охајо.

Со оваа посета во Медицинскиот детски центар во Синсинати,Меланија ги спои двете области кои се предмет на нејзин интерес, а тоа е подобрување на здравјето на децата и борбата да се помогне на оние кои се родени зависни од дрога.

Таа е меѓу првите кои ја покрена темата за синдром на неонатална апстиненција, како што се нарекува проблемот кога бебето е изложено на дроги уште додека е во мајчината утроба.

Меланија на децата им донесе подароци по повод претстојниот Ден за заљубените, заедно со илустрациите на Белата куќа и боенки.

Потоа извесно време мина во игра со најмладите пациенти од оваа установа.

Си-ен-ен објави дека ѝ се доближило едно девојче кое побарало да ја земе в раце, нешто што првата дама без приговор го направила.

Првата дама по посетата се заблагодари на болницата и рече дека е благодарна на истражувањата на кои работат и што се грижат за своите пациенти, пренесува „Дејли мејл“.

„Децата секогаш ќе бидат мој приоритет и ја ценам можноста што можев да ги посетам овие деца денеска и да бидам сведок на нивната сила и дух“, вели таа.

Меланија и претходно во две одвоени пригоди посети две детски болници. Една во Вашингтон, пред Божиќ, а другата во Париз, во моментите кога Трамп патуваше во Франција по повод Денот на падот на Бастија.

 

Scroll to Top