Шпанскиот актер Антонио Бандерас со години ги одбивал понудите да го глуми големиот сликар Пабло Пикасо.
И двајцата се родени во Малага и Бандерас во детството секое утро кога одел на училиште, поминувал покрај родната куќа на Пикасо, но не сакал да го глуми на филм бидејќи сметал дека јавноста многу ќе го критикува.
Бандерас, конечно, се согласи да го глуми Пикасо во ТВ-серијата од десет епизоди „Генијот Пикасо“ во режија на оскаровецот Рон Хауард, како и во филмот за антивоеното ремек-дело „Герника 33 дена“, што ќе го режира Карлос Саура.
Бандерас за АФП раскажува дека кога се преселил во Лос Анџелес, ја запознал ќерката на Пикасо.
„Почнав да зборувам на шпански со неа и по некое време, таа ги затвори очите и си помислив: ‘О, Боже, јас сум ѝ досаден на женава’. Ја прашав дали е уморна, а таа рече: ‘Не, воопшто не. Кога ги затворам очите, можам да го видам татко ми бидејќи зборуваш со истиот акцент како и тој. Татко ми зборуваше како тебе’“, вели актерот.