Принцот Хари и Меган планираат да прекршат уште еден кралски обичај

Принцот Хари и неговата свршеница Меган Маркл открија нови детали за својата венчавка на 19 мај вклучувајќи и тоа дека свеченоста вклучува и поворка со кочија на улиците на Виндзор.

Венчавката во капелата „Свети Џорџ“ во дворецот Виндзор ќе почне напладне и двојката ќе ја венча надбискупот на Кантербери, Џастин Велби, објавија од палатата Кенсингтон. Еден час подоцна двојката ќе се извози со кочија низ улиците на градот.

„Се надеваат дека тој кус пат ќе овозможи поголем број луѓе да се соберат околу Виндзор и да уживаат во атмосферата на тој посебен ден“, соопштија од палатата.

Нововенчаната двојка ќе им се приклучи на поканетите на приемот во салата „Сент Џорџ“. Подоцна истата вечер таткото на младоженецот, принцот Чарлс, ќе приреди прием за двојката и нивните блиски пријатели и семејството.

Истиот ден се одржува и финалето на ФА-купот, на кој братот на Хари, принцот Вилијам, обично го предава трофејот на победникот како претседател на Фудбалскиот сојуз, па засега сѐ уште не се познати неговите планови.

Минатиот месец Вилијам изјави дека братот не побарал да му биде кум, како што се очекува, и изјавил дека сѐ уште размислувал како да ги испланира двете истовремени обврски.

Венчавка од половина милион фунти

На венчавката на Кејт и принцот Вилијам на улиците имаше 5.000 полицајци, па минимално се очекува толку и за оваа венчавка.

Се претпоставува дека на свеченоста ќе има меѓу 600 и 800 гости, но на прославата околу 300 гости затоа што младенците сакаат поинтимна венчавка.

Порталот „Брајдс“ пишува дека венчавката ќе чини 500.000 фунти, а Меган самата ќе си ја плати венчаницата, како што тоа го направила Кејт во 2011 година.

Идната невеста ги крши кралските правила

Во пресрет на венчавката на 19 мај во црквата „Свети Џорџ“ во дворецот Виндзор говорот, наместо таткото Томас Маркл, би можела да го одржи Меган и така да се отстапи од уште еден кралски обичај.

Како што пренесува „Сандеј тајмс“, 73-годишниот татко на Меган Маркл е познат по својата повлеченост, а иако овој поранешен холивудски директор, кој сега живее во Мексико, би можел ќерката да ја однесе до олтарот, тешко дека пред собраните ќе одржи говор.

Весникот наведува дека поранешната американска актерка планира на својот иден сопруг Хари да му одржи говор полн со емоции и лојалност, но и дека планира да ѝ се заблагодари на кралицата Елизабета, па дури можеби да каже и некоја шега.

Најавата дека Меган на денот на својата венчавка ќе одржи говор не е воопшто изненадувачка ако се потсетиме на нејзината изјава што ја даде во Обединетите нации во 2015 година.

„Се гордеам што сум жена и феминистка. Жена рамноправна на својот сопруг“, изјави тогаш Маркл, а говорејќи следните години за Доналд Трамп, Меган го опиша како женомрзец.

Исто така, медиумите шпекулираат дека Меган до олтарот ќе биде во придружба на својата мајка, а не на татка си, како што  налагаат обичаите. Идната невеста пораснала со мајка си и е многу блиска со неа, па од таа причина посакала таа да ја однесе до олтарот.

Веќе постојат цела низа примери во кои принцот Хари и Меган ги кршат кралските обичаи

Принцот Хари кралската традиција ја прекина повикувајќи ја во септември мајката на Меган, Дорија, да им се приклучи на „Инвиктус игрите“, пред од неа и од таткото на Меган да побара благослов.

Кралицата покажа попустливост кон младата двојка, па Меган била повикана на божикното дружење во кралското семејство иако официјално не му припаѓа. Во планирањето на кралското венчавање интензивно учествуваат и идните младенци не воздржувајќи се од сопствените визии за тој ден, иако традицијата налага секое кралско венчавање да се планира во дворската канцеларија задолжена за протоколи, забави, посета или патувања на сите членови на британската монархија.

Кенсингтонската палата одби да коментира дали Меган Маркл на приемот ќе одржи говор.

 

 

 

 

Scroll to Top