Кривична пријава за политичарите кои се фотографирале со убиените диви свињи во „Јасен“

Од невладината организација „Анима Мунди“ најавија кривична пријава за инволвираните лица кои се фотографиле со убиените диви свињи во националниот парк „Јасен“, во согласност со „Законот за ловство“. „Очекуваме најстрога казна за прекршување на периодот за ловостој над дивите свињи во државното и како себеси се нарекуваат ВИП ловиште Јасен“, пишува во обраќањето до јавноста.

Во обраќањето на невладината организација се додава: „Амбиент од штотуку масакрирани 57 интелигентни и свесни живи битија, мирис на крв е нешто што предизвикува на секој нормален човек да му се згади. Но не и на наоружани до заби насилници умствено заглавени некаде таму во пештерско доба, кои во убивањето и смртта на послабите доживуваат своевидна екстаза, чувствуваат доминација и сила; задоволство – нас не би не чудело – слично на онаа при сексуално доживување“, напишаа од „Анима Мунди“.

Од невладината организација додаваат: „Довчерашните високи политичари не се сликани како уживаат во природа бидејќи очигледно тоа им причинува далеку поскромно задоволство; фотографирани се со убиени животни кои живееле во оградена површина, без моќ да се заштитат и избегаат; кои биле убиени од забава како лесен плен и за чија хајка и смрт горенаведените имале пари да платат“.

 

Во соопштението се додава дека цивилизиран човек е само оној кој има почит кон сите живи битија, а не оној кој ги деградира нивните живеалишта, им упаѓа во животната и природна територија, наоружан до заби се сили и убива. „Ако го сметаат ловот за натпревар, спорт, ние би ги пуштиле голи и боси да се снајдат во шума. Сеедно дали умира човек или животно, самиот процес на убивање, страдањето, стравот се секогаш идентични. Слични на ловџиите се и сериските убијци кои се возбудуваат и вака го сликаат својот човечки плен. Да се знае – насилниот облик на однесување кај ловџиите е очигледно аномалија, грешка на природата, затоа што ниту едно друго битие, вклучително доминантните месојадни животински видови не убиваат од забава“, се додава во соопштението.

 

Тие прашуваат до кога Македонија ќе толерира и заработува од, како што велат, најбрутална експлоатација на природата? „До кога ќе бидеме омилена дестинација за убивање на илјадници ловџии кои кај нас доаѓаат и масакрираат животински видови кои во нивните матични држави се најстрого заштитени со закон“, пишува во соопштението.

Scroll to Top