САД, Велика Британија и Франција ноќеска извршија воздушен напад во Сирија во кој нема жртви. На социјалните мрежи се појавија видеа од нападите во главниот град Дамаск. Сириските медиуми јавија дека е погоден научно-истражувачки центар во овој град, за кој Пентагон тврди дека е користен за развој и производство на хемиско оружје.
Пентагон претходно соопшти дека цел на нападите биле Дамаск и две локации во Хомс, каде што се произведува хемиско оружје. Нападот е извршен како одговор на наводната употреба на хемиско оружје во сирискиот град Дума.
Американски медиуми пренесоа дека истражители од САД утврдиле хемиски супстанци во овој сириски град, додека Русија, која го поддржува режимот на Башар ал Асад, тврди дека нејзини истражители не утврдиле присуство на какви било агенси во тлото.
Сириската државна телевизија јави дека противвоздушната одбрана на Сирија соборила 13 ракети јужно од Дамаск, додека САД наведуваат дека немаат информација дека некоја ракета е пресретнaта. Американскиот секретар за одбрана, Џим Матис, ги опиша нападите како поголеми од оние од минатата година, но рече дека засега не се планираат понатамошни лансирања.