Ученици од скопското основно училиште „Лазо Трповски“ освоија награда на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2018 година, кој традиционално се одржува во Берлин, Германија. За проектот „Ние и ’Ербас’“ тие изработија автентичен модел на товарниот авион од флотата на „Ербас“, „ербас белуга“ во размер 1:200. Учениците од четврто одделение работеа во координација со двајца наставници, Елена Угриноска и Стефан Симовски. Тие по прелиминарната фаза на натпреварот влегоа меѓу десетте најдобри проекти, а за својот конечен пласман добија дипломи и трофеј што ќе им бидат врачени утре.
Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, „Луфтханза техник“ АД и концернот ЕАДС. Проектите на учениците од трето и од четврто одделение ги оценуваше деветчлено стручно жири.