Италијански голман Џанлуиџи Буфон официјално објави дека в сабота ќе го одигра последниот натпревар за „Јувентус“. 40-годишниот голман не кажа дали ова ќе биде крај на неговата кариера. Тој откри дека претседателот на клубот Андреа Ањели му предложил да продолжи да игра, ама и ако сака да почне друга работа во клубот.
„Во сабота ќе биде мојот последен натпревар со Јувентус. Мислам дека тоа ќе биде најсоодветен начин да се збогувам со сите тука. Единственото сигурно е дека во сабота ќе играм. Ги продолжуваме разговорите со Андреа, кој знае многу добро што се случува околу мене. Пред 15 дена бев сигурен дека престанувам да играм, но сега добив некои предлози кои се возбудливи. Тие се поврзани како со работа на теренот, така и надвор од него. Следната недела ќе донесам конечна одлука“, рекол Буфон на прес конференцијата.
Во последните денови се појавија информации дека Буфон може да заигра во Англија. Претходно се шпекулираше дека ќе направи трансфер во Америка.