Откажано шоуто на Розен Бар по расистичка објава на „Твитер“

Еј-би-си го откажа популарното шоу  „Розен“ на актерката Розен Бар откако таа, коментирајќи на „Твитер“, ја навреди Валери Џерет – една од најблиските соработнички на поранешниот американски претседател Барак Обама.

Актерка која е позната по своите контроверзни коментари напиша дека Џерет изгледа како да е потомок на муслиманското братство и „Планетата на мајмуните“. Овој коментар беше оценет како расистички, имајќи предвид дека Џерет е полуафроамериканка.

„Изјавата на Розен е гнасна, одвратна и не е во согласност со нашите принципи. Затоа одлучивме да го прекинеме нејзиното шоу“, изјави шефот на„Еј-би-си ентертејнмент“, Ченинг Данги.

Бар инаку е и јавна поддржувачка на Доналд Трамп. Нејзиното шоу беше популарно во доцните 1980-тите и 1990-тите години, а неодамна беше обновено од страна на Еј-би-си.

Scroll to Top