Тајни писма на Чајковски открија дека бил хомосексуалец

Неодамна во Англија беа објавени тајни писма од рускиот композитор Петар Илич Чајковски во кои со нежни и страсни зборови ги опишува скриените чувства кон својот млад слуга, пренесува „Гардијан“.  Во едно од писмата, Чајковски напишал дека во младиот слуга вљубен како никогаш дотогаш.

„Господе, какво ангелско суштество. Толку чезнеам за тоа да бидам негов роб, негова играчка, негова сопственост“, стои во писмото.

Меѓу цензурираните писма е едно што Чајковски му го напишал на својот брат за време на престојот во Италија.

„Околу 9 часот почувствував потреба да излезам и да прошетам. Група момчиња, знаеш какви, претпоставуваа што барам и не сакаа да ме остават на мир. Мамката која ја користеа да ја фатат жртвата, односно мене, беше едно прекрасно младо суштество. Морав да пружам жесток отпор со оглед на тоа што мамката беше одлична. Не знам дали сакаа да ме уценуваат или само сакаа да земат пари од мене, но не се дадов“, стои во писмото.

Писмата на Чајковски долго биле чувани далеку од јавноста. Тие се сега во целост објавени во книга чиј ко-автор е Марина Косталевски, професорка по руски јазик на колеџот „Бард“ во Њујорк.

„Хомосексуалноста на Чајковски одамна е прифатена на Запад, но во Русија и понатаму е предмет на дебати. Руското издание на новите писма, и покрај богатството од нови информации, сепак, остава простор за сомнеж за сексуалноста на славниот композитор“, вели таа.

Чајковски во друго писмо пишува за средбата со „момчето со заслепувачка убавина“.

„По заедничката прошетка му понудив пари, но одби. Го прави тоа поради љубовта кон уметноста и обожава мажи со брада“, напишал Чајковски во писмото.

Според Косталевски овој пасус досега никогаш не бил вклучен во ниту едно издание од објавените писма на композиторот.

Писмата на Чајковски денес се наоѓаат во архивата на неговиот музеј во Клин, Русија, каде што композиторот живеел од 1892 година до неговата смрт 1983 година. Тој починал на 53-годишна возраст.

 

 

Scroll to Top