Фондацијата „Никола Јанчев“, која е основана на 14 февруари оваа година од страна на актуелниот градоначалник на општина Кавадарци, г. Митко Јанчев, денеска ги доделува првите стипендии за учениците од основните и средните училишта, како и за студенти.
По објавениот конкурс, кој заврши во петокот, комисијата составена од стручни лица ги разгледа сите апликации и според дадените критериуми ги определи добитниците на 36 стипендии и на истите тие денес преку еден свечен чин им ги додели. Оваа фондација е основана со почетен буџет од 10 000 евра. Директор на фондацијата е г-ѓа Јанинка Чупаркоска, управител на „Кожувчанка“. Дополнително секој месец буџетот на фондацијата ќе се зголемува со градоначалничката плата на г. Митко Јанчев. Тој уште во предизборната кампања најави дека доколку стане градоначалник ќе ги донира месечните примања. Ветеното сега е исполнето. Фондацијата и во иднина ќе организира активности преку кои ќе се собираат средства за ранливите категории, за талентираните ученици и за граѓани на општина Кавадарци на кои им е потребна помош.
Фондацијата го носи името на покојниот татко на г. Митко Јанчев, кој по неговата смрт многу млад застанува на чело на компанијата „Кожувчанка“. Градоначалникот г. Митко Јанчев за својата хуманост вели дека е виновен неговиот татко, кој уште од мали нозе го воспитувал да помага на заедницата и на луѓето на кои им е потребна помош. Го учел дека хуманоста е доблест, и иако многу млад го остава сам да го најде вистинскиот пат, сепак, успева во тоа и неговиот правец секогаш е насочен според аманетот од неговиот татко, секогаш да им помага на оние на кои им е потребна помош.