Светската музичка ѕвезда Шер сними албум со преработки на песни од „АББА“. Ова го откри самата Шер на премиерата на мјузиклот „Мама миа: одиме повторно“, откако направи своја верзија на „Фернандо“ за продолжението на филмот. Во вториот дел на филмот Шер ја игра мајката на ликот на Мерил Стрип, која во реалноста е само три години помлада од неа. Шер во филмот ја пее „Фернандо“ заедно со Енди Гарсија и Бени Андерсон од „АББА“.
„Откако ја снимив ‘Фернандо‘ за потребите на филмот, ми се чинеше забавно да направам цел албум со песни од популарната група и го направив тоа. Тоа не е она што ќе помислите кога мислите на ‘АББА‘, затоа што песните ги направив на поинаков начин“, рекла Шер, но не открила други детали за албумот.
„Бев воодушевен кога дознав дека Шер се согласила да ја игра мајката на Мерил Стрип. Таа е извонреден раскажувач и малку мистериозна, токму како песната. Сега сите знаеме дека Енди Гарсија е нејзиниот Фернандо“, рекол на премиерата на филмот Бјорн Улвеус, еден од членовите на групата.