Федералните власти во САД вчера соопштија дека ги пронашле црвените чевли што глумицата Џуди Гарланд ги носеше во филмот „Волшебникот од Оз“ од 1939 година. Тие пред 13 години беа украдени од музеј во нејзиниот роден град во северна Минесота. Полицијата не соопштува дали го фатиле крадецот.
Чевлите беа украдени во август 2005 година. Крадецот влегол низ прозорец и ја скршил витрината и ги зел само чевлите со светки. Чевлите биле осигурани на еден милион долари. Полицијата првично понуди награда од 250 000 долари, а подоцна обожавател на Гарланд понуди уште еден милион долари.
Чевлите на музејот им ги позајмил колекционерот на холивудски антиквитети, Мајкл Шо. Три други пара што Гарланд ги носела во филмот се во сопственост на Академијата за филмска уметност и наука, музејот Смитсонијан и на приватен колекционер.