„Кока-кола“ е најпозната по својот истоимен пијалак на база на кофеин, но компанијата сега е подготвена да експериментира со – канабис.
Таа почнала преговори со канадскиот производител „Аурора канабис“ околу развојот на пијалаци засилени со марихуана. Тие не би влијаеле врз свеста на корисниците, туку би имале за цел да ублажуваат болка. „Кока-кола“ не излезе со коментар по ова прашање, но соопшти дека го следи пазарот на пијалаци со канабис.
„Како и многу други во оваа област, и ние го имаме предвид непсихоактивниот канабидиол како состојка на функционални здрави пијалаци“, се вели во соопштението на „Кока-Кола“.
Ова следува додека Канада се подготвува целосно да ја легализира рекреативната употреба на канабис, а претходно, и гигантот во производството на пиво „Констелејшн брендс“, кој е сопственик на „корона“, најави дека ќе вложи четири милијарди долари во овој бизнис.