Денис Димоски, пејачот кој ја играше главната машка улога во мјузиклот „Тајно моја“, посветен на Тоше Проески, не е поканет да пее на концертот посветен на Тоше. Наместо него, песните ќе ги пее Александар Тарабунов. Денис вели дека е навреден што организаторите не го поканиле да пее на претстојниот концерт во чест на починатата поп-ѕвезда, на 2 ноември во Скопје.
Денис јавно ги праша зошто наместо него Александар Тарабунов на концертот ќе ги пее песните од мјузиклот заедно со Антониа Гиговска. За потсетување, Антониа и Денес победија на музичкото „Кастинг талент шоу“ и со тоа ги добија главните улоги во мјузиклот „Тајно моја“ лани.
Организаторите, претходно најавија дека на концертот, покрај останатото, ќе се изведе и дел од мјузиклот „Тајно моја“. Но, денес велат дека идејата за мјузикл отпаднала.
„Јас нема да пеам на 2 ноември на концертот во чест на Тоше. Навистина сум навреден што не бев ни контактиран ни прашан дали сакам да учествувам на концертот за мојот идол. Мислам дека по победата и сите успешни претстави, заслужив организаторите да ме прашаат и мене“, рече Денис за „Репортер“.
Поп-пејачот вели дека не знае што да им каже на своите пријатели и обожаватели кои го прашуваат зошто нема да пее.
„Многу луѓе, пријатели, фанови ми пишаа деновиве зошто јас не пеам и затоа решив јавно да прашам. Навистина сум навреден“, додаде Денис.
Сашо Митков од „Аворд продукција“, еден од организаторите на концертот, вели дека не сакале никого да навредат, па иако Антониа и Александар ќе пеат на концертот, тоа нема да бидат песни од мјузиклот и тој дел ќе биде исфрлен од програмата.
„Фондацијата ‘Тоше Проески’, ‘Аворд продукција’ и неколку новинари, како организатори на концертот во чест на Тоше, заедно ги избиравме пејачите. Точно е дека планиравме да се изведе дел од мјузиклот на концертот, но потоа решивме да нема мјузикл. Немавме никакви лоши намери. Антониа и Александар на концертот ќе пеат песни од Тоше, но тоа нема да е со аранжманите од мјузиклот ‘Тајно моја’,“ рече за „Репортер“ Сашо од „Аворд“.
Концертот во чест на Тоше ќе се одржи на 2 ноември во арената „Борис Трајковски“. На концертот на кој ќе се промовира албумот Secret Placе, ќе пеат и Каролина Гочева, Тијана и Тамара Тодевски, Наум Петрески, Александра Радовоиќ. Борис Новковиќ, Бојан Маровиќ, Владо Калекмбер, Ања Рупел, „Фрајле“ и други. Кристијан Ристески, внукот на Тоше, ќе ја пее својата прва песна We Are Blood, која, исто така ќе се најде на албумот.
(А.Ј)