Со песната „Игри без граници“, пуштена на видео-бим, со многу емоции, насмевки и солзи, почна вечерашниот концерт во чест на Тоше Проески. Фановите во еден глас го пееја хитот на починатиот пејач, а некои од нив заплакаа додека го правеа ѕвезденото небо во преполната арена „Борис Трајковски“. Голем број фанови од Македонија и регионот, со слики од Тоше во рацете, се собраа за да се сетат на Проески и да ги слушнат неговите најголеми хитови.
Први на сцената излегоа Огнен Здравковски и Денис Димоски кои ја испеаја песната „Лагала нас мала“, што Тоше ја пееше дует со Тони Цетински. По нив настапија Александра Јанева, па Александар Тарабунов и Антониа Гиговска.
На концертот кој почна со половина час задоцнување, ќе настапат голем број македонски и балкански музичари. Вечерва ќе се промовира и албумот Secret Place со досега необјавени песни на Тоше. На концертот ќе настапи и внукот на Тоше, Кристијан. Тој ќе ја испее песната We Are Blood, негова прва песна.
Љубиша Владимиров