Археолозите на наоѓалиштето Помпеја, срушен и делумно затрупан древен град во близина на денешен Неапол, пронашле сочувана еротска фреска на која е прикажана врската меѓу Леда и лебедот, објави Би-би-си.
Според грчката митологија, Зевс се вљубил во Леда, кралицата на Спарта, но никако не можел да ја освои. На крајот се престорил во лебед и го добил нејзиното внимание. Како плод на нивната врска се изнеле две јајца: од едното се извеле близнаците Кастор и Полидеука, а од другото Елена поради која дошло и до Тројанската војна. Митолошката приказна за односот меѓу Леда и лебедот со векови ги инспирирала уметниците.
Експертите веруваат дека фреската го красела ѕидот на спалната соба на богато семејство што живеело во близина на центарот на древна Помпеја.
Помпеја во 1 век од нашата ера била уништена, односно целосно прекриена од вулканска пепел по ерупцијата на вулканот Везув. Античкиот град бил откриен случајно во 1.600 година.
Многу уметници од ренесансната Италија во своите дела го прикажале односот меѓу лебедот и Леда. Оваа сцена послужила како инспирација за Леонардо да Винчи, Микеланџело, Тинторето и многу други уметници од тоа време.
Вилијам Батлер Јејтс, познат ирски поет и драматург од 20 век, ја напишал познатата песна „Леда и лебедот“.