Скопје ги собира енергетските лидери: Нови партнерства и инвестиции во фокусот на форумот

Обновливите извори на енергија, зелените инвестиции и улогата на жените во енергетскиот сектор ќе бидат во фокусот на првиот Форум за енергетска дипломатија, кој ќе се одржи на 25 ноември 2026 година во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

Настанот, насловен „Обновливи извори и жените во енергетиката“, ќе собере претставници на влади, меѓународни организации, финансиски институции, дипломатскиот кор, енергетски компании и инвеститори.

Во центарот на разговорите ќе бидат можностите за привлекување повеќе инвестиции во обновливи извори, зајакнување на регионалната енергетска соработка и поголемо учество на жените во носењето важни одлуки во секторот.

Посебно внимание ќе биде посветено на финансирањето на зелената транзиција, јавно-приватните партнерства и поврзувањето на земјите од регионот. Целта е учесниците да разменат искуства, да воспостават нови партнерства и да разгледаат можности за развој на енергетски проекти.

Во рамките на форумот е предвидено и официјално воспоставување на Мрежата за жени во енергетската дипломатија – Women in Energy Diplomacy Platform. Платформата е замислена како простор за регионална соработка, професионално поврзување и поголема застапеност на жените на лидерски позиции во енергетиката.

Форумот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации, Програмата за развој на ОН – УНДП и Економската комисија на Обединетите нации за Европа – УНЕЦЕ.

Организаторите ги покануваат заинтересираните претставници на институциите, компаниите, финансискиот сектор, академската заедница и енергетските професионалци да учествуваат на настанот.

Комплетната агенда и пријавувањето се достапни на официјалната страница на форумот.

Scroll to Top