На 66-годишна возраст, по кратко боледување, во Велика Британија, почина познатиот македонски драматург Горан Стефановски.
Стефановски е роден во Битола во 1952 година, завршил Филолошки факултет во Скопје, на катедрата по англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје.
Со појавата на Стефановски современата македонска драма доживува голем успех и пресврт. Негови драми се: „Јане Задрогаз“, „ Диво месо “, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“.
Негови ТВ драми се „Клинч“, „Сослушувањето на железничарот“, ТВ сценарио за „Томе од бензиската пумпа“, ТВ серии: „Тумба, тумба дивина“, „Бушавата азбука“, Радио драма: „Чиракот Шекспир“ итн.
Тој е добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.
Горан Стефановски е брат на гитаристот Влатко Стефановски. Тој престојуваше во Велика Британија, во местото Кентбери, од каде вечерва стигна лошата вест за неговата смрт.