Во новата студија објавена во научното списание „Наука“ научниците сметаат дека ја имаат откриено верижната реакција што довела до најголемото масовно изумирање на живиот свет на Земјата. Авторите на студијата велат дека „големото изумирање“ е поврзано со климатските промени.
Авторите направиле компјутерска симулација со цел да откријат што се случува на Земјата кога ќе дојде до масовна ерупција на вулканите. Пред 250 милони години, околу 90% од морскиот живот и 70% од копнените животни умреле во процесот што подоцна научниците го нарекле „големото изумирање“.
Досега се шпекулирало дека масовните вулкански ерупции го предизвикале овој катаклизмичен настан, но досега било нејасно како се одвивал тој процес. Авторите велат дека причина за изумирањето не било само излевањето на лавата. Во новата студија пишува дека ваквата појава предизвикала пораст на температурите на океаните за околу 11 Целзиусови степени.
Во океаните драстично опаднало количеството на кислород, а неговиот недостиг предизвикал масовно изумирање на морските животни, особено оние кои се наоѓале подалеку од екваторот. Тропските видови успеале да преживеат поради полесното прилагодување на ниското ниво на кислород, пишува во студијата.
„По ерупцијата на вулканите, нивото на јаглерод диоксид, ‘гасот кој ја заробува топлината’, достигнал 12 пати поголемо ниво отколку денес“, вели авторот на студијата, Џастин Пен, истражувач професор на Универзитетот Вашингтон.
Научниците анализирале десетина современи видови животни за да видат што би им се случило во топла вода со мало количество кислород. Ова им помогнало да го разберат процесот на „големото изумирање“ од минатото.
Иако современата активност на луѓето не ја загрева Земјата ни одблиску онолку како за време на природниот процес пред 250 милиони години, сепак ваквата активност се смета дека е можно да се случи и во сегашноста и е ставена во категоријата на можни сценарија кои би довеле до вистинска катастрофа“, изјавил коавторот на студијата, Кетрис Дојч, професор од Универзитетот Вашингтон, кој ја проучува Земјата.
„Древното изумирање го покажува крајот на патот по кој сега ние се движиме“, изјавил Дојч.
Во студијата пишува дека ако продолжиме со ова темпо на испуштањето на јаглерод диоксид, изумирањето на животните до 2300 година ќе стигне до бројка од 35 до 50 проценти, од она што се случило за време на „големото изумирање“.
Палеонтологот од Универзитетот во Лидс, Пол Вигнал, изјавил дека ниту едно постоечко сценарио од глобалното затоплување не предвидува раст на температурите од 20 степени во наредните неколку векови. Но Вигнал вели дека зголемувањето на температурата за 20 степени би можела да се случи за 1000 години.
„Дури и порастот на температурите од 10% е толку лошо како и ‘големото изумирање’ и тоа би било страшно“, вели Вигнал, кој не учествувал во правењето на студијата.
Други научници велат дека ова истражување дава застрашувачки поглед за иднината на Земјата.
„Поради пребрзото затоплување на Земјата, резултатите од оваа студија би можеле да се покажат како корисни за во иднина и би можеле полесно да разбереме што би можело да се случи со животот во океаните во иднина“, изјавил експертот за наука на Земјата, Дејвид Бадер.