Кралицата се пофали: 2018 година беше богата за моето семејство

Британската кралица Елизабета II во божикната порака до англиската јавност изјави дека изминатата 2018 година била богата за неа и нејзиното семејство. Со две венчавки, две бебиња и едно кое е на пат, кралицата вели дека 2018 година била преполна со обврски.

„Двете венчавки и двете внучиња кои ги добивме годинава направија оваа баба да има многу обврски“, изјави кралицата.

Кралицата Елизабета исто така соопшти дека собрала многу мудрост за време на своите 92 години.

„Некои култури веруваат дека долгиот живот носи мудрост. Јас би сакала да верувам во тоа. Можеби дел од таа мудрост е да се препознаат некои од животните парадокси, како и тоа дека човечките суштества имаат  склоност кон нешто добро, но сепак и капацитет за зло“, вели кралицата во  божиќната порака.

Годишната божикна порака била емитувана во 53 земји од Комонвелтот, а била емитувана по службата во црквата „Света Марија Магдалена“ на која присуствувале кралицата и членовите на кралското семејство. Кралското семејство било дочекано со поздрави од луѓето кои се собрале да ги видат.

Кралицата пристигнала во лимузина до црквата, додека помладите членови на семејството пристигнале пеш од имотот Сандригем, каде што кралското семејство традиционално ги минува божиќните и новогодишните празници.

Членовите на кралското семејство ги предводел принцот Чарлс, а следеле синовите принцот Вилијам со сопругата Кејт Мидлтон и принцот Хари со сопругата Меган Маркл. По 45-минутната служба за време на традиционалниот божиќен ручек, собраните им подарувале цвеќиња.

Сопругот на кралицата Елизабета, принцот Филип, кој има 97 години и се повлекол од јавниот живот, не присуствувал на службата. Сопругата на Чарлс, која во моментов закрепнува од настинка, исто така не присуствувала во црквата.

Во палатата останале и трите деца на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон, петгодишнот принц Џорџ, тригодишната принцеза Шарлот и осумесечниот принц Луи.

Кралицата Елизабета својата прва божиќна порака ја упатила преку радио во 1952 година. Пораката упатена до граѓаните преку телевизија ја дала во 1957 година. Оттогаш секоја година, освен во 1969 година, излегува пред јавноста со божиќна порака.

Кралицата оценила дека кралското семејство во 1969 година пречесто се појавувало на телевизија, па божиќната порака таа година ја објавила во пишан облик.

Scroll to Top