Актерот Алек Болдвин ќе мора да посетува курс за контрола на бесот, откако во средата пред судот во Њујорк ја признал вината дека удрил возач кој му го зел местото за паркирање.
Болдвин минатата година веднаш бил приведен по инцидентот што го предизвикал на паркинг-место. Тој решил да се пресмета со човекот којшто му го украл местото, а веднаш потоа бил приведен од страна на полицијата.
Болдвин бил ослободен по завршување на рочиштето во судот во Менхетен, под услов да заврши краток курс за контрола на бесот до следното рочиште, кое е закажано на 27 март, велат од обвинителството.
Актерот е познат по својата раздразливост. Не сакал да даде изјава ни за новинарите по излегувањето од судот. Болдвин бил уапсен во ноември минатата година, откако нападнал еден човек кој паркирал на местото на кое актерот замолил претходно друг човек да му го причува додека се врати.