Поп-пејачката Ивона Јовановиќ, позната по учеството во „Ѕвездите на Гранд“, сними спот за песната „Убав е овој свет“, што ја испеа на последниот „Макфест“. Песната е дело на Филип Неделковски, а аранжманот го направи Дарко Тасев. Спотот го изработија Давид Радичевски, Александар Ризински и Александар Комненовиќ. Во улогата на нејзино момче се појавува нејзиниот долгогодишен пријател, пејачот Марио Арангеловски.
„Спотот веќе има речиси 60 000 прегледи, но верувам дека оваа бројка ќе се зголемува бидејќи луѓето ја пеат во еден глас на моите настапи. Досега имам преслушано многу песни, напишани за мене од многу автори. Но, сите ги одбив, зашто ниедна не го разбуди во мене она нешто што овој момент не би можела да го објаснам со зборови. ‘Убав е овој свет’ стигна сосема спонтано до мене, ме освои на прво слушање и реков тоа е тоа“, рече Ивона.
Пејачката која на јавноста ѝ стана позната по учеството во шоуто „Ѕвездите на Гранд“, пее од 5 години, а има и свој јутјуб-канал на кој објавува видеа кои ги снима заедно со Марио Арангеловски, со кого се долгогодишни пријатели.