Американската рок-легенда Лени Кравиц денеска пристигна во Скопје. Тој веднаш се прошета по плоштад и во Старата скопска чаршија. На социјалните мрежи се споделуваат фотографии од Лени како се шета низ Скопје, а неколкумина фанови дури и се сликаа со него.
„Го видов Лени како го поминуваше Камениот мост, позади него одеа тројца мажи со долги коси, облечени рокерски, претпоставувам дека беа од бендот или од екипата што оди со него. Не очекував да го видам низ Скопје, па затоа и само си поминав покрај него. Мислев дека е многу понизок“, изјави за „Репортер“ девојка која попладнево го сретна пејачот во Скопје.
Лени во Македонија пристигна два дена пред концерот закажан за 3 мај во ВИП арената „Борис Трајковски“. Ова е втор концерт на Лени кај нас по оној кој го одржа на „Билјанини извори“ во Охрид во 2008 година. Организатор на концертот е Авалон продукција.
Фото: Инстаграм/Твитер