Филмската ѕвезда Бред Пит ќе глуми за прв пат во својата кариера астронаут во научно фантастичниот филм Ad Astra. Филмот е во режија на Џејмс Греј, познат по филмското дело „Изгубениот град З“.
Филмот почна да се снима од 2017 година, а се очекува да стигне во кино салите на 19 септември годинава. Инспириран од романот на Џозеф Конрад, „Срце на темнината“, режисерот се насочува кон вселената, како простор за кој вели дека е многу непријателски расположен кон нас.
Приказната го следи астронаутот Рој Мекбрајд, кој го глуми Бред Пит, кој патува до самиот крај на Соларниот систем во пограга по својот татко, кој ќе го глуми актерот Томи ли Џонс. Таткото на Мекбрајд исчезнал за време на мисијата која имала за цел да ја открие мистеријата која се заканува да го загрози опстанокот на нашата планета.
За време на патувањето, Рој открива тајна која ја доведува во прашање природата на човековото постоење, како и нашето место во вселената. По повеќе од две децении и улогата во филмот „Дванаесет мајмини“, која му ја донесе и првата номинација за наградата „Оскар“, Бред Пит повторно се враќа во филм од научнофантастичен жанр.
„Бев многу среќен што ќе можеме да работиме заедно, затоа што Бред и јас имаме многу слично креативно размислување. Се сомневам дека би влегол во овој проект, ако не е така. Ми даде поддршка, а јас имав слобода и време да се фокусирам работите да се одвиваат во вистински правец“, изјавил режисерот Џејјмс Греј за соработката со Бред Пит.
Филмот е насловен кон латинскиот израз Ад Астра, кој во превод значи „До ѕвездите“. Освен овие два познати актери, во останатите улоги ќе се најдат и Лив Тејлор, Доналд Сандерленд, Рут Нег и други.