Ансел Елгорт, Хари Стајлс, Арон Тејлор-Џонсон, Остин Батлер и Мајлс Телер се петтемина глумци што биле на аудиција за улогата на Елвис Присли во филмот што ќе го режира Баз Лурман. Според „Холивуд рипортер“, сите веќе биле тестирани и се очекува во наредните недели да се знае кој од нив ќе го глуми кралот на рокенролот.
Елгорт наскоро треба да почне со снимање на римејкот на „Приказна од западната страна“, а Телер ќе глуми во продолжението на „Топ ган“. Батлер игра во „Беше еднаш во Холивуд“, а Стајлс, кој е поранешен член на бендот „Уан дајрекшн“, доби одлични критики за улогата во „Данкирк“. Тејлор-Џонсон е најпознат по „Одмаздници: ерата на Ултрон“, како и по улогата на Џон Ленон во Nowhere Boy.
Засега е потврдено дека Том Хенкс ќе го игра Том Паркер, менаџерот кој контролирал секој аспект од животот на Присли. Филмот ќе се фокусира на подемот на Присли до врвот на славата и ќе раскажува за неговиот однос со Паркер.
Баз Лурман, пак, е познат како режисер на хитовите „Големиот Гетсби“, „Мулен руж“ и „Ромео и Јулија“.