Весникот „Фајненшел тајмс“ пишува дека постои реален ризик Обединетото Кралство да се распадне, а сите четири нации, Шкотите, Велшаните, Ирците и Англичанте да тргнат по својот дел во случај брегзит да заврши без договор.
Весникот пишува дека не станува збор за проценка, туку за документ што го објавила и самата британска Влада. Неформалниот заменик на премиерката во оставка Тереза Меј, Дејвид Лидингтон, ги известил за ова истражување членовите на кабинетот во самиот финиш на борбата меѓу Борис Џонсон и Џереми Хант за премиерското место.
Двајцата се борат и за местото претседател на Конзервативната партија и последично на тоа и британското премиерско место.
„Фајненшел тајмс“ не објавил кога владата известила за овие заклучоци, но индикативно е дека весникот добил увид во документот во вторникот, кога се случила дебатата меѓу Џонсон и Хант. Првиот е заговорник за излез на земјата од Европската Унија без договор, додека другиот смета дека тоа е само ултимативен потег.
Заклучоците од документот:
Велс
– Растечката поддршка на локалната партија Plaid Cymru потврдува дека „не можеме да бидеме спокојни кога станува збор за односот на Велс кон Унијата и независноста“.
Северна Ирска
– Од Лондон особено се загрижени во делот на барањата за „гласање за границата“, што би можело да доведе до обединување на Ирска. На умерените гласачи во Северна Ирска посебно привлечно им делува друштвената либерализација во Република Ирска (укинат е стариот закон за абортусот, истополовите бракови, намалено е влијанието на Католичката црква по друштвените прашања). Брегзит без договор, кој би барал нужно да се воведе директна управа на Лондон над Северна Ирска, само дополнително би ја заострило ситуацијата“.
Англија
– Последните истражувања покажуваат ека Англичаните станале индиферентни кон Унијата. Тоа особено се однесува на англиските членови на Конзервативната партија: 63% од нив би прифатиле независност на Шкотска, како цена за брегзит. Станува збор за прв јавен потврден документ кој говори дека директната последица на брегзит, би можела да резултира со распаѓање на Обединетото Кралство.
Ситуацијата со Шкотска не е новост. Никола Старџон, првата министерка, во повеќе наврати јасно изјавила дека Шкотската национална партија SNP, чека процесот на брегзит да заврши, а потоа да се покрене кампања за нов референдум за независнсот. Новиот референдум би требало да се одржи и пред следните избори.
Поддршката во јавноста за таков чекор е 65%. Лабуристите во повеќенаврати изјавиле дека ако дојдат до власт, ќе го оневозможат референдумот. Но, SNP веќе побарале правни чекори со кои ќе можат да се спротивстават.
Новоста во целиот овој случај е Велс, кој се досега се сметал за цврсто упориште на заедништво. Но, ситуацијата се променила по одлуката на Форд да ги затвори фабриките и уште неколку други компании. А влијаело и откако земјоделците добиле сознанија дека ќе останат без субвенции од Европската унија.
Посебно чувствителна е Северна Ирска. Причините кои се изнесени пред британската влада, покажуваат дека ситуацијата е и повеќе од загрижувачка. Ниту Белфаст, ниту Даблин не сакаат граници.