Американски научници, учесници на проектот „Наука и глобална безбедност“ Science and Global Security, SGS, од Универзитетот „Принстон“ разработија симулација на нуклеарна војна меѓу САД и Русија.
Според нивното сценарио, во првите часови од конфликтот би можело да загинат или да бидат ранети повеќе од 90 милиони луѓе. Автор на симулацијата е Алек Глесер, а истата ја објавил на „Јутјуб“ и официјалниот сајт на проектот.
Видеото во траење од четири минути е наречено „План А“, на кое е прикажан моделот на нуклеарна конфронтација меѓу САД и Русија. Според сценариото, конфликтот започнува со примена на конвенционално вооружување.
Русија изведува нуклеарен напад на пограничната територија на Германија и Полска, за да ги испровоцира силите на САД и НАТО во Европа. Потоа како одговор на тоа, НАТО користи нуклеарно оружје во нападот на Калинјинградската област.
Според сценариото, како резултат на тоа, конфликтот прераснува во тактичка нуклеарна војна на територијата на Европа, а потоа се шири и на територијата на САД и Русија.
„SGS ја разработил симулацијата според веројатните ескалации на воените дејствија меѓу САД и Русија. Истовремено земени се во предвид реалните положби на нуклеарните сили, цели, како и бројот на смртни случаи. Според проценката, во првите неколку часови во конфликтот убиени и ранети се повеќе од 90 милиони луѓе“, е наведено на сајтот на проектот.