Објавен е првиот тизер за најновиот филм на режисерот Милчо Манчевски „Врба“, кој својата светска премиера ќе ја има на 19 октомври на Филмскиот фестивал во Рим.
„Филмот е за три млади мајки. Едната приказна се случува ви средниот век во Македонија, а другите две приказни се современи. Приказните се надополнуваат, се отсликуваат, а истовремено се и контраст една на друга. Се работи за љубовни приказни, во кои главната тема е лојалност, меѓутоа и односот на општеството кон поединецот, но и на поединецот кон општеството“, рече Манчевски на неодамнешната пресконференција.
Снимањето на шестиот долгометражен филм на Манчевски беше на различни локации низ прилепскиот регион и на препознатливи локации низ Скопје.
Во филмот играат: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други.