Околу 45 милиони луѓе во наредните шест месеци ќе имаат големи проблеми со снабдувањето на храна на југот на Африка. Овој дел на континентот беше погоден од најголема суша во последните 35 години, велат од Светската програма за храна. Досега повеќе од 11 милиони луѓе се во очајна состојба во девет земји – Ангола, Свазиленд, Лесото, Мадагаскар, Малавија, Намибија, Мозамбик, Замбија и Зимбабве.
Се очекува ситуацијата да се влоши во наредните месеци. Рекордни 45 милиони луѓе ќе имаат потреба за хуманитарна помош во целиот тој регион. Во последните пет години, во областите околу Јужна Африка регистрирана е само една година на големи врнежи. Големата суша, циклоните и поплавите ги уништија сите жетви.
„Се соочуваме со најлошата суша во последните 35 години во централните и западните области во Јужна Африка“, изјавила Маргарет Малу, регионалната директорка за оваа област.
Оваа прехрамбена криза е отежната со растечката невработеност, губитокот на стоката и големите размери и пораст на цените на прехрамбените производи.
„Недостигот на дожд во изминатите периоди и големите суши, како и двата големи циклони и економските предизвици, се покажале катастрофални за безбедноста во Јужна Африка“, изјавил Ален Онибон од Организацијата на Обединетите Нации за храна и земјоделство FAO.
Оваа година оваа област, на чело со Мозамбик, беше погодена од два силни циклони, од кои на крајот настрадаа над стотина илјади луѓе. Температурите во Јужна Африка растат двапати побрзо од просекот на Земјата, а во годините кои доаѓаат, Малавија, Мозамбик, Демократската Република Конго, Танзанија, Замбија и Зимбабве, се земји кои ќе бидат најсилно погодени во таа област на климатската криза.