Популарните цртани јунаци, мачорот Том и глувчето Џери, неделава прославуваат 80 години постоење. Приказната за мачорот и глушецот што живеат во иста куќа и постојано се надмудруваат, проткаена со смешни ситуации, ја измисли одделението за анимација на филмската продукциска куќа Ем-џи-ем. Авторите Бил Хана и Џо Барбера имале за цел да го достигнат успехот на Волт Дизни.
Првата епизода е објавена 1940 година. Тогаш мачорот се викал Џаспер, а глувчето – Џинкс. Постигна огромен успех, дури и доби номинација за „Оскар“ за најдобар кус анимиран филм. Кратко потоа Џаспер и Џинкс биле преименувани во Том и Џери. Околу тоа дали тие ќе зборуваат, авторите го зеле предвид успехот на немите филмови со Чарли Чаплин, па знаеле оти ликовите можат да бидат забавни и без дијалог.
Музиката за цртаниот филм ја компонирал Скот Бредли, а човечки врисок што го испушта Том е всушност гласот на Бил Хана.
Првите 20 години Хана и Барбера произвеле над 100 кратки цртани филмови и секој чинел во просек по 50.000 долари.
Цртаните ликови се појавија и во неколку играни филмови – Џери се дружеше со Џин Кели во „Подигнете ги сидрата“ од 1945 година, а потоа двајцата со Том се појави покрај Естер Вилијамс во „Опасно е кога е влажно“.
Откако Ем-џи-ем го затвори студиото за цртани филмови 1957 година, Хана и Барбера покренаа своја продукциска команија. По неколку години Ем-џи-ем одлучи да ги оживее Томи и Џери, но без оригиналните автори.
Пред неколку години египетските власти се обидоа да го обвинат цртаниот филм за растот на насилство на Блискиот Исток, а иранските власти во една пригода ги споредија односите на земјата со САД со оние на Том и Џери.
Бил Хана почина во 2001 година, а Џо Барбера во 2006 година.
Правата за прикажување на цртаните филмови „Том и Џери“ денес ги поседува компанијата „Ворнер Брос“. Се планира и нов филм пред католичкиот Божик во 2020 година.