Шпионската војна меѓу Русија и Америка во последните неколку дена, повторно се најде во центарот на внимание. Овој пат истата се режира на Балканот, пренесуваат светските медиуми.
Американските известувачи повторно ја активираа приказната за руското мешање во предизборната кампања, на што стигна брз одговор од Кремљ. Од таму велат дека станува збор за класична параноја, која ќе се повеќе ќе расте, како што се доближуваат изборите во САД.
Сепак истовремено, руските известувачи откриваат дека американските специјални служби покренале камапања во источна Европа, против добрососедските односи кои тие земји ги имаат со Русија. Ова го пренесува агенцијата TASS, која ја цитирала изјавата на портпаролот на Руската служба за известувачки работи, Сергеј Иванов.
„Според добиените информации, американските специјални служби, покренале голема кампања за дискредитација на политичките и јавни личности во источна Европа, кои се залагаат за развој на добрососедските односи со Русија“, изјавил Иванов.
„За таа цел, тие мобилизираат агенти и невладини организации, кои се финансираат од службени американски агенции“, вели Иванов и објаснил дека центарот на оваа кампања е во Бугарија.
Како што објаснил Иванов, на ова место редовно се случуваат шпионски скандали и неосновано се протеруваат руските дипломати.