Вечерва концерт на „Суперхикс“ за крај на проектот „Култура во време на корона“

Со концерт на „Суперхикс“, по 50 маалски концерти, вечерва завршува проектот „Култура во време на корона“. Концертите ги организираа Град Скопје, асоцијацијата на независната културна сцена ЈАДРО и Синдикатот на Културата, како како дел од пакетот кризни мерки во однос на културата.

На денешната прес-конференција преставниците на овие институции информираа за резултатите од проектот. На досегашните настани, настапиле повеќе од 200 изведувачи, со преку 500.000 гледачи на социјалните мрежи и илјадници на балконите во осум различни општини во Скопје.

Последниот концерт вечерва ќе почне во 20:00, а „Суперхикс“ ќе настапат на плочникот кај зградите до Педагошкиот факултет во Карпош.

„Сите изведувачи беа еднакво платени со минимален износ од 14.500 денари, вклучувајќи ги и големите имиња и младите таленти, за да се овозможи што поголем број музичари да се претстават пред публиката“, кажа Никола Наумоски од Град Скопје.

„Имаше музичари што настапија неколку пати, а беа платени само еднаш, само за солидарно да им овозможат на своите колеги да го заработат својот хонорар,“ додаде Русе Арсов од МКЦ.

На повикот за концерти на отворено стигнале голем број апликации, но не можеле сите да се реализираат. Затоа институциите ќе ги имаат предвид и ќе се обидат да организираат и други концерти на отворено во престојниот период.

 

Scroll to Top