Прилеп се подготвува за Свети Никола: Посни сарми за граѓаните, Игор Џамбазов, Дани и „Љубојна“ на Камената бина

Со традиционална посна трпеза, музика и верски свечености, Прилеп и годинава ќе го одбележи својот патронен празник Свети Никола. Општината и годинашниот домаќин на градската слава ги привршуваат подготовките за прославата на 19 декември, а културно-уметничката програма на Камената бина ќе започне во 12 часот.

Водител на програмата ќе биде актерот, музичар и шоумен Игор Џамбазов, додека на сцената ќе настапат пејачката Дани и етно-составот „Љубојна“.

Централно место во празнувањето ќе има и традиционалната посна трпеза на плоштадот „Александрија“, со препознатливите прилепски посни сарми. Тие ќе се подготвуваат во трпезаријата на храмот „Св. Благовештение“, каде што претставнички на повеќе женски здруженија заеднички ќе ја продолжат долгогодишната традиција.

Домаќин на годинашната градска слава е кетеринг-компанијата „Рустика“, која ќе учествува во организацијата на празничните активности и подготовката на трпезата за граѓаните и посетителите.

Од Општина Прилеп информираат дека подготовките се одвиваат според планираното, со цел празникот да биде одбележан свечено и достоинствено, со почитување на верските обичаи и традицијата.

Одбележувањето на Свети Никола веќе две децении претставува симбол на заедништвото, хуманоста и духовноста во Прилеп. Верските свечености традиционално се одржуваат во храмот „Св. Благовештение“ и пред параклисот посветен на светецот во центарот на градот.

Со заедничката празнична трпеза и културната програма, Прилеп и оваа година ќе ја продолжи традицијата што собира граѓани и гости од други градови.

Scroll to Top