Откако пред скоро два месеца беше откажан годинашниот Евросонг, што требаше да се одржи од 12 до 16 мај во Ротердам, организаторите решија да направат големо телевизиско шоу со некои од најпопуларните евровизиски пејачи. Шоуто ќе се вика Eurovision: Europe Shine a Light според победничка песна на Евровизија од 1997 година. Настанот ќе се пренесува во живо од 21 часот, термин во кој требаше да почне финалето на Евросонг.
Специјалното телевизиско шоу нема да има натпреварувачки карактер, но ќе им оддаде признание на сите песни и учесници од 41. земја, колку што требаше да учествуваат годинава на Евровизија. Избраните песни ќе бидат емитувани во делови од 30 секунди, учесниците ќе бидат претставени низ кратки видео разгледници. Меѓу нив е и Васил Гарванлиев, кој требаше да ја претставува Македонија годинава со песната You. Сите учесници заеднo ќе го испеат и евровизискиот хит на Katrina And The Vawes: Love Shine a Light.
„Сакаме да направиме шоу што нема да им оддаде признание само на годинашните учесници, туку и телевизиска програма што ќе ги инспирира и поврзе луѓето низ Европа во овие изолирани и тешки времиња. Ќе оддадеме почит на сите што се погодени од коронавирусот, но и на оние што работат деноноќно во борбата против него“, изјави извршниот продуцент на шоуто, Зитце Бекер.
Евровизиските фанови од цела Европа направија голем хор за да ја испеат песната Џони Логан What’s Another Year со која победи на Евровизија 1980 година.
Меѓу евровизиските ѕвезди што ќе настапат се и Монс Земерлоу, Марија Шерифовиќ, Нета но и ланскиот победник Данкан Лоренс.
Водители на шоуто ќе бидат презентерите Шантал Јансен, Едсилиа Ромблеј и Јан Смит, коишто требаше да бидат домаќини на Евровизија 2020.
Шоуто ќе трае два часа, а директниот пренос на Македонската Радио Телевизија ќе го коментира Александра Јовановска.