Светската здравствена организација соопшти дека 60% од 10 милиони заболени луѓе во светот се регистрирани во јуни, а дека епидемијата се влошува, наместо да слабее како што очекуваа. Директорот на СЗО, Тедрос Адана Гебрејес, рече дека се регистрираат до 160.000 случаи дневно и ги повика сите земји да преземат посилни мерски во борбата со коронавирусот.
„Пронајдете, изолирајте и водете сметка за секој случај, следете ги и ставете ги во карантин сите нивни контакти, обучувајте ги и опремувајте ги здравствените работници, едуцирајте ги и оспособете ги граѓаните за да можат да се заштитат себеси и другите“, рече Тедрос.
Тој предупреди дека земјите што применуваат само дел од мерките имаат долг пат пред себе.
„Не само тестирање. Не само физичка дистанца. Не само следење контакти. Не само да се носат маски. Туку сè одеднаш“, рече тој и истакна дека една од работите што ги научил во изминатите шест месеци е дека никогаш не е доцна да се промени ситуацијата во една земја.
Директорот на СЗО напомена дека носењето маска понекогаш може да спаси животи.