Кандидатот за пратеник и професор, Гордана Сиљановска Давкова, откако минатата недела шизеше на рок во кафуле, сега среде кампања најде време и за готвење. Таа беше на Матка, каде што зготви вегетаријанска мусака со тиквички и сирење.
„Македонската трпеза е многу богата со мириси и вкусови, а како нема да е кога нашата плодна почва изобилува со највкусниот зеленчук. Можеби затоа сум и вегетаријанка“, напиша таа, па го откри рецептот за мускатата.
„На дното на тавата се става бешамел сос, потоа се редат домашни македонски јуфки, врз нив се редат тиквички на должина исечени, се покриваат со модар патлиџан, црвен домат, магдонос, толчен лук со маслиново масло; преку нив ставаме од сирењето или урдата па малку бибер и вегета и бешамел сос и повторно се повторува јуфки, тиквички… На крај се завршува со остатокот од тиквичките извалкани во брашно. Добро се залива со маслиново масло, се покрива со фолија и добро се затвара од сите страни. Се пече во загреана рерна на 200 степени 1 час, па се открива и се пече додека не порумени“, напиша на „Фејсбук“.
Гога не крие дека сака да готви. Таа во интервју за „Репортер“ ни откри дека не е љубител на благо, освен на Васина торта, која ја прави за секој роденден. Но ни раскажа и дека сака да подготвува необични, органски јадења.
„Правам бомбици со црн грав и никој не може да познае од што се подготвени. Но, здрави се“, рече таа во интервјуто.