Манекенката Кристина Димитријевска од модното студио „Црнокрак“ неодамна ја освои титулата Мис карантин на светот. Ваков избор за убавина првпат се случуваше заради пандемијата. Наместо дефиле на пистата, изборот Кристина го следеше од дома и чекаше да прогласат која е најубавата девојка.
„Кога Мики Црнокрак ми кажа дека ќе бидеме дел од овој избор, мислев дека се шегува, оти во тоа време сите бевме затворени дома. Но, ги испратив видеата и сликите што ги бараа, а потоа изборот го гледав онлајн со родителите и син ми. Не можев да поверувам кога кажаа дека јас сум победникот и дека освоив светска титула,“ раскажа Кристина за „Репортер“, која е поранешна сопруга на пејачот Даниел Кајмакоски.
Со манекенство се занимава повеќе години. Признава дека професијата не е лесна и не е толку гламурозна како што изгледа на Инстаграм. Па освен што често слуша негативни коментари за себе, неодамна таа и нејзиното семејство се соочиле со непријатна ситуација.
„Една жена се опседна со мене и ме прогонуваше со месеци. Не само мене, туку им пишуваше и на моите блиски. Ѝ се заканив дека ќе кажам јавно која е“, ова е само дел од она што го раскажа Кристина.
На 24 години таа е и успешна манекенка и фитнес инструктор. Сама се грижи за синот Давид кого го доби од бракот со пејачот Даниел Кајмакоски. Зошто по разделбата со пејачот двајцата пак се вратија на кариерите, во каков однос се сега, тешко ли е сама да гледаш дете и да си јавна личност, каков е Давид, за првата титула што ја освои како тинејџерка, за неубавата страна на манекенствoто… гледајте го интервјуто.
Андријана Јовановска