На судската битка меѓу холивудската двојка Џони Деп и Амбер Херд ѝ се гледа крајот, а глумицата откри за медиумите дека споделувањето на најинтимните и најтрауматични детали од нејзиниот живот за неа претставувало неверојатно болно искуство.
Двојката обелодени пред судот низа меѓусебни обвинувања, изнесувајќи детали од нивниот заеднички живот. Амбер вели дека таа не сакала оваа борба да ја води на суд и пред целата јавност.
„И покрај тешките обвинувања што беа изнесени, не сакав оваа борба да ја водиме на суд. Тоа беше неверојатно болно искуство за мене. На јавноста ѝ ги открив моите најинтимни, но истовремено најтрауматични моменти од мојот живот со Деп“, откри Амбер.
Адвокатот на Деп ја нарекол Амбер лажливка и ја опишал како насилник во врската со неговиот клиент. Но, Амбер тврди дека таа има силни докази кои ги изнела против нејзиниот партнер и дека обвинувањата што ги дала за него се вистинити.
„Стојам зад тоа што го изјавив пред судот и сега се надевам и верувам дека британскиот суд ќе ја донесе вистинската праведна одлука“, изјавила Амбер.
Глумецот ја обвини Амбер дека со лажни фотографии и повреди сака да му наштети на неговиот углед за да извлече пари од него. Таа, пак, сведочела дека Деп неосновано ја обвинил за нејзините афери и дека ѝ се заканувал со смрт.